Вардар 1961 како нов правен субјект помина во Супер лигата, но не и во ваучер системот
1. Стариот шампион и младиот математичар
Стариот шампион Вардар е како младиот математичар Дамјан, за настап се добри, за награда не ги фаќа законот!
Само што застана на нозе по ланската криза, на Вардар му се заканува нов финансиски удар. На предлог-листата на спортски клубови и спортисти рангирани според бодовите, за користење средства од даночно ослободување преку ваучер системот, најтрофејниот македонски ракометен клуб е на 0!
Според известувањето од Агенцијата за млади и спорт, националните спортски федерации, во согласност со Законот, до 20 јануари требаше да ги поднесат задолжителните обрасци за користење на средствата заедно со Предлог-листата на спортските клубови и на спортистите рангирани според бодови. Врз основа на тоа, деновиве АМС треба да ја објави конечната листа кој со колкав ваучер ќе располага. Но, уште пред да објави официјално АМС, предлог-листите почнаа да излегуваат на виделина. Впрочем, нив по Закон, националните федерации штом ќе ги достават треба и да ги објават на нивните веб-страници. И можеби ракометната предлог-листа и немаше да предизвикаат некое посебно внимание поголемо од вообичаено да не беше нулата за шампионот.
Доколку нема измени, по новата распределба, по која Вардар 1961 е на 0, во ракометот ваучери со најголем износ годинава ќе добијат Еурофарм Пелистер и Металург.
Зошто за Вардар како сè уште актуелен шампион и единствен македонски претставник во Лигата на шампионите нема ваучер со даночно ослободување?!
Бодувањето на предлог-листата е според пласманот и резултатите, но основен критериум за добивање на ваучер според законските прописи е клубот да биде најмалку две години во систем на натпреварување. Токму тој критериум го симна Вардар на 0. Поточно Вардар 1961 кој сезонава прв пат се натпреварува како нов правен субјект. Регистрација на Вардар 1961 како нов субјект беше обид на новото раководство на „црвено-црните“ да се спаси од милионските долгови на претходното. Но, избегнувајќи ги обврските кои требаше да ги подмири Самсоненко, новиот Вардар 1961 може да ги загуби правата и наследството на двојниот европски шампион. Работите одат во таа насока.
2. Дали Вардар 1961 е нов субјект или стариот шампион?
И исто како со малиот Дамјан што ги победи средношколците, а не смеел со нив да се натпреварува и Вардар 1961 кој формално правно е нов субјект, а неформално е истиот клуб што е актуелен домашен и двоен европски шампион, му дозволија да игра во Супер лига и во ЛШ, ама ваучер нема. Такви се прописите!
Според Статутот на РФМ и Правилникот за натпреварување, секој нов субјект стартува од најнизок ранг на натпреварување. Но, тоа не беше случај со Вардар, односно со Вардар 1961. Во системот на натпреварување Вардар 1961 продолжи како наследник на РК Вардар, му беше призната шампионската титула од сезоната 2018/2019 (бидејќи 2019/2020 не се доигра), како актуелен шампион доби место во Лигата на шампионите и како сехалигаш, директен пласман во суперлигашкиот плеј-оф.
Во рангирањето и бодувањето за ваучер системот пак, неколку месеци подоцна, Вардар 1961 добива третман на нов спортски субјект на кого ова му е прва натпреварувачка сезона!
Ако е нов субјект зошто е актуелен шампион и стартува од највисок ранг?! Ако е стар субјект и актуелен шампион, зошто тогаш не исполнува критериуми за ваучер?
Дали е грешка или е отстапка? Кој е виновен и кој е одговорен за целата мешаница? Само, да не биде пак – короната!
3. Супер лигата на „пазар 3“
И како по правило, една отстапка после повлекува цела лавина. Битката за бодови и ваучерот е крајната цел, а новата коронарна реалност се погоди како добар изговор за уште едно заобиколување на прописите. Овој пат во промената на системот на натпреварување за кој се залагаат дел од клубовите со цел да го задржат највисокиот суперлигашки статус.
Според активната регулатива, Собранието на РФМ го одредува системот на натпреварување две сезони однапред. Оваа сезона Супер лигата беше вонредно проширена на 16 (14+2), со одлука во наредната 2021/2022 таа биде скратена на 10 и сехалигашите да се вратат во домашното натпреварување од почеток, а не во плеј-оф.
И на почеток сите беа помалку или повеќе среќни. Посебно оние кои на тацна добија суперлигашки статус. Но, сега, оваа проширено скратена шема не им одговара на екипите од долниот дел на табелата и на новите суперлигаши кои не успеаја да се изборат за сигурен останок. Освен тоа, за настап во највисок ранг мораше и да се пререгистрираат во акционерски друштва, а тоа чини и време и пари. И тие сега бараат да нема скратување, односно наместо планираните шест, од Супер лигата на крајот од сезоната да испаднат само два клуба. А, РФМ да ги заобиколи прописите и да донесе одлука за нов систем на натпреварување, а не оној што е претходно усвоен. И сехалигашите пак да си останат во СЕХА.
Соломонско решение на Собранието беше надлежна Комисија на РФМ до март да ги разгледа опциите и со предлог до УО да ја реши мешаницата.
Уште една потврда дека вештачкото проширување на лигата колку и да беше со добра намера на крај донесе лоша последица.
И „пазар 3“ меѓу клубовите и нов наплив на странци за да се истурка плеј-офот или плеј-аутот. Во најголем дел – со парите од ваучерот, за да се соберат бодови за следниот… За тие што ќе земат, се разбира.
Оние другите како стариот шампион под нов субјект, сигурно ќе се бараат „друга црква за молење“.