Уште ли не ви е јасно што му недостасува(ло) на Вардар?!
1.Победа, гол, двојна парада…
За Македонија нема зима меѓу стативите. Го вергламе ова многу често во последно време. Изгледа, со полно право. Новопечениот сениорски репрезентативец, по годините уште кадетски, Марко Кизиќ, викендов го потврди тоа на најдобар начин на голот на Вардар. Конечно, Кизиќ доби шанса, повеќе од немајкаде, откако Гедбан уште еднаш слушаше ама не гледаше, па сега прими гол и од погрешно додавање, а Кугис како алтернатива остана на нула… И по онаа стара добра изрека – кога не им веруваш на двајцата, земаш трет голман, македонскиот репрезентативец се најде на задниот дел од клупата. Доби шанса кога од очајот на првите двајца почна и публиката да вика. И на прва, со двојна парада ја „фати“ најдобрата одбрана на колото во ЛШ, ја разгали вардаровата публика како што одамна не била и доби признание во изборот на ЕХФ. Не е лошо за еден 18-годишен голман. Ич не е лошо…
Вардар го доби Мешков и по двата шок порази од Кил и од Веспрем, се врати во победнички ритам. Оној шампионскиот од прва до последна, не оној другиот „два во еден“ со кој вардарци играа опасно по работ.
Столе Стоилов по повредата се врати на терен, а со него се врати и атмосферата и оној препознатлив тон во играта на шампионот. Публиката со овации го поздрави првиот гол на вардаровиот капитен во оваа сезона. Македонската публика разбира ракомет и со многу емоции ги „фаќа“ тие посебни моменти што спонтано ја креваат на нозе. Овој гол на „Столе-ти-си-наша-икона“ за вардаровата публика вчера беше можеби повреден од сите девет на Криштопанс, на пример.
И потоа, Кизиќ го дополни моментот.
Одамна немало таква радост и спонтана атмосфера на трибините во настапот на „црвено-црните“. Кој што сака нека каже, ама тоа е таа посебна емоција на публиката за „домашните деца“. Во Македонија секогаш ја имало и ќе ја има. Сите се прифатени и сакани како свои, тоа го знае секој што еднаш дошол овде. Ама, сепак, децата од „наше маало“ се тие што спонтано ја креваат публиката на нозе. Без разлика кој која бројка носи на навивачкиот дрес на грбот и дали е космополит, трендсетер, „отворен ум“ со модерни сфаќања за спортот и за успесите или само „стара гарда“ што го сака ракометот.
Уште ли не ви е јасно што му недостасува(ло) на Вардар?! И зошто еден гол се слави како титула, а четири одбрани како да се четириесет…
Брани Марко, брани!
2.„Фармацевтите“ сè уште немаат лек
Вардар се врати, но Еурофарм Работник сè уште е заглавен во „црната дупка“ со уште еден пораз во ЛШ, во уште еден неизвесен меч со драматичен финиш. Само овој пат не со еден туку со два гола во минус. И, да, овој пат и со минимална негатива на полувреме.
Избраниците на Стевче Алушовски, во Битола го расплакаа Голужа од среќа, а потоа во Прешов дефинитивно го вратија Татран во живот со нови два бода на тацна. И овој пат Еурофарм Работник беше достоен противник, на моменти и многу посилен од противникот, но повторно со многу чудно пропуштени чисти шанси и веќе препознатливо лош финиш.
Каде е проблемот и болката на „фармацевтите“?
Неискуството секако има влијание, но после шест одиграни кола во ЛШ и не би требало да биде клучниот „ризик фактор“. Можеби во првите три натпревари оправдано, не и потоа до шестиот кој го закотви битолскиот тим на дното на табелата. Победата против Кокс беше една потврда дека овој тим може и успешно да се справи со притисокот и да одигра како што треба до крај, дека Алушовски го има решението за „дупката“ и дека се понатаму ќе оди полесно. Арно ама, во наредните два меча со Татран се врати старта болка и „фармацевтите“ никако да го најдат лек.
„Со толку промашени зицери и технички грешки не може да се победи…“, оправдано разочаран сумираше Стевче Алушовски.
Констатациите се исти и се повторуваат како што се повторуваат поразите на Еурофарм Работник во елитното друштво. После петтиот пораз веќе се гледа дека жариштето не е надвор во противниците, туку е внатре во тимот. И се погласни се најавите дека после дуелот со Мешков Брест во СЕХА, во Битола многу работи ќе бидат појасни. Дали Еурофарм Работник ќе остане цврсто на зацртаната стратегија, или, пак Стевче Алушовски наскоро ќе се споравува со уште една битолска драма.
3.Ваучерите, алелуја!
Иако главно во фокусот се настапите на двата македонски претставници во европската елита, не помалку интересно деновиве е и на домашната ракометна сцена. И, се почесто се бара место повеќе на трибините и за суперлигашки ракомет, колку и да звучи неверојатно.
Во Автокоманда, Раде Стојановиќ со Охрид му зеде важен бод на Металург, а Зоран Кастратовиќ го запиша првото реми во новиот предизвик да ги застане „металурзи“ на нозе. И црна мачка им се прошета на терен (документирано, да нема рекла-казала!). Е, сега дали ремито е од играта или од мачката, тоа уште не е научно докажано. Ама за секој случај, на мачката ќе и биде „забранет влез“ на дуелот со Горење во ЕХФ Купот. Што е сигурно, сигурно!
Во скопското дерби на другата страна од градот немаше црни мачки, ама Бутел му го зацрни викендот на Пролет нанесувајќи му го првиот пораз во оваа суперлигашка сезона. Интересно и неизвесно од прва до последна. И „Македонско сонце“ полно, затка.
Активни беа и прволигашите, ама во преговорите за фамозните ваучери. Најавено беше и дека може да „заиграат“, ама на протест пред Влада. За среќа, гласањето за дополнителните средства за ваучерите помина пред да свирнат тие пред Влада. Алелуја!
Е, сега останува уште само да се објави одлуката во Службен весник, клубовите да ги добијат ваучерите и потоа да ги прокнижат. Па и да одиграат нешто ако не заврши сезоната дотогаш…
Сложен е системот, трокружен! Спорт-ваучер-политика.