Во првиот финален натпревар од Eвропскиот куп за жени ракометарките на Малага на домашен терен обезбедија предност од 32:28 против екипата на Локомотива Загреб каде што настапува репрезентативката на Македонија, Андреа Седлоска.
Шпанскиот претстaвник имаше предност во текот на сите 60 минути и заслужено стигна до триумф кој ги доближува до трофејот во Европскиот куп. Малага отвори со 4:1, потоа беше и 6:2. Во 20. минута Локомотива Загреб успеа да намали на минус еден, 7:6. До крај на првото полувреме домашниот тим обезбеди предност од 14:11 на паузата.
И во продолжението Малага го диктираше тепмото и резултатот, најчесто беше три или четири разлика. Во 55. минута домашните ракометарки го имаа највисокото водство од седум гола кога водеа 29:22, сепак, до крајот на мечот Локомотива Загреб намали и загуби со четири гола разлика кои им даваат надеж за реваншот во Загреб.
Во тимот на Малага најефикасни беа Мартин Ардериус и Браво Балдомеро со седум гола, додека по пет погодоци постигнаа Лопез Хименез и Дорио Родригез. Во екипата на Локомотива Загреб најдобра беше Лариса Калауз со 11 погодоци, а Ана Мариа Гавриќ погоди седумпати. Андреа Седлоска немаше погодоци на натпреварот.
Возвратниот дуел ќе се одигра за една недела во Загреб кога ќе биде познат освојувачот на трофејот во ЕХФ Купот. Натпреварот почнува во 20 часот.