СЕДИ ДОМА, ГЛЕДАЈ РАКОМЕТ: Најболен пораз во историјата, последните секунди беа кобни! (ВИДЕО)

Во деновите кога коронавирусот се шири со брзина на светлината на Стариот континент, препораките од властите се најголемиот дел од времето да го поминувате дома и да избегнувате контакти со луѓе. Љубителите на ракометот во овие денови ќе ги потсетуваме на најинтересните натпревари на македонските екипи и репрезентации во изминатите години, како и на најинтересните средби од големите натпреварувања. Седете дома и уживајте во ракометните натпревари. За денеска го одбравме натпреварот oд главната фаза на ЕП 2012 година меѓу Данска и Македонија, кој нашите ракометари го загубија со минимални 33-32. Иако водевме во најголем дел од мечот, го имавме и последниот напад при реми, но шутот на Лазаров го одбрани Ландин, а Линдберг стрелаше во последните секунди за победа на скандинавците. Ако победевме на оваа средба, ќе игравме во полуфиналето на ЕП со оглед што потоа бевме подобри од Полска и Србија. Капитенот Лазаров постигна 13 погодоци и беше најдобар стрелец. На оваа средба за Македонија настапија Борко Ристовски, Петар Ангелов, Стевче Алушовски, Дејан Манасков, Златко Мојсоски, Владимир Темелков, Бранко Ангеловски, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Влатко Митков, Ацо Јоновски, Велко Маркоски, Стојанче Стоилов, а селектор беше Звонко Шундовски.