Тренерот на Келце, Талант Душебаев во интервју за „Спортове Факти“, зборуваше за неговите планови по завршување на есенскиот дел од сезоната, како и за многу други ракометни теми.
Душебаев во интервјуто истакна дека во текот на месец јануари ќе одржи неколку тренинзи во клубот од Исланд, Селфос, бидејќи при потпишување на договорот со репрезентативецот на Исланд, Хаукур Трастарсон, било ветено од негова страна дека ќе го посети Исланд и екипата на Селфос.
„Кога го потпишавме договорот со Хаукур Трастарсон, му ветив на неговиот поранешен клуб Селфос дека ќе ги посетам, ќе одржам тренинг таму за ракометарите и тренерите на клубот. Минатата година тоа не беше можно поради пандемијата, па дури сега го договоривме датумот“.
Поранешниот селектор на Унгарија и Полска со нетрпение го очекува стартот на Европското првенство 2022.
„Секако дека ќе го следам Европското првенство во Унгарија и Словачка. Особено сега, со новите технологии, кога можам да следам три или дури четири натпревари одеднаш. Едниот на телевизорот, вториот на лаптопот, третиот на таблет и четвртиот би го следел на мојот телефон“.
Искусниот стратег додава дека Европското првенство во Унгарија и Словачка ќе биде шанса за новите лица од секоја репрезентација.
„Отсекогаш сум бил на мислење дека најдобрите првенства се по Олимпијадата. Зошто? Затоа што можете да видите многу нови лица. Натпреварите на овие првенства секој пат се крај на циклусот за многу репрезентации, доаѓаат генерациски промени, играчите се пензионираат. Дополнително, првите европски првенства и светските првенства по Олимпијадата не носат квалификации за следната Олимпијада, па тренерите повеќе шанса им даваат на новите лица во репрезентациите. Како навивач, многу ми се допаѓаат овие првенства“.