Екипата на Металург од четвртфиналист на лигата на шампионите, повеќекратен шампион на Македонија и освојувач на Купот го допре дното, е исклучен од плејофот во машката Супер лига и нема да може да се бори за опстанок, туку автоматски е префрлен во најнизок ранг на натпреварување. Откако не го одигра првото коло од разигрувањето за опстанок, од РФМ стигна и одлуката со која се потврдува дека „Металург не ги исполнува условите за учество во системот на натпреварување при РФМ“.
Металург е исклучен од системот, и го нема во табелата од машкиот плејаут по првото коло. Тоа значи дека сега од Супер лигата нема да испадне ниту еден тим директно, а сега екипата што ќе биде последна, ќе игра бараж за опстанок во второпласираниот тим од Прва Лига. Ова според сегашниот систем на натпреварување кој беше усвоен уште пред две сезони. Ако, на Собранието на РФМ се изгласа проширување кое се заговара тогаш бараж ќе играат последниот од плејаут и шестопласираниот од Прва лига.
Некогашниот македонски првак ги префрли играчите што останаа во првиот тим на Металург, и ги регистрираше за прволигашот Металург РА и настапија против Кичево. Покрај тренерот Игор Котевски за прволигашот настапија и Александар Петковски, Велко Марковски, Димитар Бардаковски, Даниел Дупјачанец…. Во првиот тим што некогаш играше во четврт-финале на Лига на шампиони не останаа играчи…
Во билтенот каде се регистрираат постигнатите резултати се потврдува дека Металург не ги исполнува условите да се натпреварува во системот на натпреварување при РФМ
„Согласно Пропозициите на Ракометна Федерација на Македонија за Супер машката ракометна лига за натпреварувачка сезона 2021/2022, со Член 13 став 4 и 5 е предвидено дека секоја екипа е должна да пријави листа со минимум 16 и максимум 35 ракометари со валиден лекарски преглед со цел да добијат лиценца и да бидат внесени во системот на играчи, во спротивно екипата нема да биде вклучена во системот на натпревари.
Листата заедно со лекарскиот преглед треба да се достави до РФМ најдоцна 14 дена пред почетокот на есенскиот дел и 14 дена пред почетокот на пролетниот дел на натпреварувањето.
По извршениот увид во доставената документација Комисијата за регистрација и лиценцирање заедно со Комесарот за натпревари утврдија дека ракометниот клуб РК Металург АД не ги исполнува условите за учество во системот на натпреварување при РФМ“, се вели во одлуката.
Следната сезона Металург ќе може повторно да се пријави во системот на натпреварување на РФМ, но ќе мора да тргне од најнизок ранг на натпреварување. Сепак, останува и одлуката дека претходно треба да им бидат подмирени сите обврски. А во моментов клубот има отворени долгови кон тренери и играчи, поради што жалбите стигнаа до ЕХФ, и следуваше и суспензија.