Finals - France vs Denmark, IHF 2023 Men's World Championship - POLAND, SWEDEN, Stockholm, 29.01.2023, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Светскиот првак со четири дебитанти против Германија

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен го објави списокот на играчи за натпреварите од ЕХФ Евро Купот, кој ќе се одржи во рамките од ЕХФ неделата, кога поголемиот број на репрезентации ќе играат квалификации за пласман на Европското првенство 2024.

Јакобсен за дуелите против Германија, која ќе биде домаќин на континенталниот собир следната година, ќе може да смета на 16 ракометари, од кои четворица ќе бидат дебитанти.

Станува збор за голманот на Алборг, Симон Гаде, потоа десниот бек Томас Арнолдсен од Архус, десното крило од ГОГ, Оскар Расмусен и кружниот напаѓач Емил Бергхолт од Скјерн. Сите четворица ќе имаат шанса своите квалитети да ги покажат и да се наметнат и за следните репрезентативни акции.

Неколку од повиканите играчи беа дел од репрезентацијата која го освои, односно ја одбрани светската круна на Мундијалот оваа година, додека останатите немаат големо репрезентативно искуство. Како што е веќе познато, еден од најдобрите ракометари на светот Микел Хансен ќе паузира одреден временски период.

Тука се искусните Емил Нилсен од Барселона, Магнус Ландин од Кил, Емил Јакобсен од Фленсбург, потоа најдобриот стрелц и МВП од СП 2023, Матијас Гидсел и големата надеж на данскиот ракомет, левиот бек Симон Питлик, кој беше избран за најдобар на својата позиција на Мундијалот во Полска и Шведска.

Данска првиот дуел против Германија ќе го одигра на 9 март во Алборг, додека реваншот ќе биде три дена подоцна, на 12 март во Хамбург.

Список на Данска: Емил Нилсен, Симон Гаде, Магнус Ландин, Емил Јакобсен, Оскар Расмусен, Лукас Јоргенсен, Симон Халд, Емил Бергхолт, Матијас Гидсел, Никлас Киркелоке, Мадс Ларсен, Арон Менсинг, Јакоб Холм, Томас Арнолдсен, Симон Питлик, Јакоб Ласен.