Селекцијата на Данска одработи според планот и без својот најдобар ракометар, Микел Хансен кој не се најде воопшто во составот на дуелот против селекцијата на Јапонија и дојде до победа од 34:27.
Оваа победа е и повеќе од доволна за Данска да се најде во четврт-финалето, а според ситуацијата на табелата веќе го има и првото место во Групата 2.
Данците имаа мирен натпревар во кој му дозволија на противникот да биде постојано во близина. Првото полувреме мина во на некој начин израмнета игра. Јапонија долго беше на гол разлика и парираше, но кога беше најпотребно Данците засилија и дојдоа до три разлика, 19:16, но на одмор заминаа со два разлика, 19:17.
Овие два гола разлика во вториот дел станаа многу повеќе. Јапонците немаа сили за да следат до крај, па мораа да потпишат капитулација против посилниот противник. Данците кои се светски шампиони од 2019 година продолжуваат во шампионски стил и со победи, па в понеделник против Хрватска ќе можат да одиграат мирно бидејќи се сигурно први во групата.
Јапонија има само формална задача против Бахреин за достојно збогување со натпреварите на Светското првенство.