Не излагајте од дома, не бидете себични кон другите и биде совесни. Чувајте се себе си и другите!
Битката со Корона вирусот не стивнува туку добива само поголеми размери и секојдневно пристигнуваат вести кои делуваат фрапантно со бројки за зголемување на заболени лица. Италија е центарот на жариштето на Европа и понатаму така што оттаму уште пристигаат лоши вести.
Во Италија и тоа во делот каде што почна сè се наоѓа ракометарка од Македонија. Дајана Јовановска во јануари се пресели во редовите на Одерцо. Тоа е тим од место кое е на десетина километри од Тревизо, а таму беа првите два случаи со Корона вирус со двајца Кинези кои имаа допатувано во овој град.
Јовановска се чувствува добро и ги почитува сите препораки. Навреме се најде во карантин така што нема проблеми, но мора да седи во својот стан и не смее да го напушта непотребно. Сето тоа го потврди во интервју за 24Ракомет, а опиша и што и како се случувало и каква е сега ситуацијата.
„Од првиот ден кога почна каратинот сум дома. Дента кога наредија карантин ги откажаа и сите летови. Имав можност да се вратам во Македонија последниот авион, а имав и потоа со автомобил, но сметав дека со тоа нема да направам ништо добро. Не можев да знам дали го имам вирусот бидејќи периодот на инкубација е 14 дена. Едноставно не сакав да ризикувам и немаше зошто. Беше кажано кој каде се наоѓа таму да остане во карантин и го почитував тоа“, вели Јовановска.
Таа веќе речиси две недели е во карантин,но добрата вест е дека во местото нема заболени лица.
„Првиот заразен со Корона вирусот беше во Тревизо. Ја се наоѓам на само десет километри од ова место во Одерцо. Мојот град е во карантин две недели, но во моето место за среќа нема заразени иако сме во жолта зона. Инаку, почетокот на најголемото ширењето на заразата дојде панично преку патниците во последните возови кои се обраќаа за Рим. Тие беа последните пред целосниот прекин на сообраќајот. Беше кажано да не се патува и секој да остане во карантин таму каде што е. Меѓутоа не послушаа и побрзаа да се вратат дома. На релација Милано-Рим и Падова – Рим можеби имаше и 400 патници од кои најголемиот дел мислам дека го имаа вирусот и почнаа да го шират и затоа се така големи бројките сега“.
Стравот и паниката и понатаму се присутни и тие се главниот проблем меѓу луѓето кои никако не можат да се помират со она што се случува.
„Ова е навистина страшно. Мислам дека кај нас луѓето уште не можат да сфатат дека ова е навистина сериозно. Градот може да се напушти само со дозвола. Низ цела Италија владее голем страв и паника. Сите се исплашени. Се излага само по најголема потреба и се оди единствено до маркет. Во првите неколку денови улиците беа буквално празни. Сега може да се види и некој како ќе прошета покрај реката што тече низ градот и да се види некој како спортува, но тоа е мал број. Сите се движат на дистанца од 3-4 метри и тоа е единственото место во моментов покрај маркетите каде што можат да се видат луѓе“.
Инаку, уште не се знае до кога ќе трае карантинот. Сигурно е дека ќе биде до 4 април, но може да биде и продолжен.
„Карантинот треба да биде до 4 април, а беше најавено дека ако биде сè во најдобар ред од 25 април ќе може да почне полека отворањето на сето она што е затворено во моментов. Сепак, мислам дека и ова е пролонгирано. Ние имавме навистина потешкотии бидејќи одигравме натпревар на само еден ден пред прогласувањето на карантинот. Оттогаш сите сме во карантин и мораме да работиме во домашни услови. Имаме кондициски тренер кој ни даде генерална програма, но и секој ден ни дава нови вежби кои треба да ги изработуваме и сите се главно за во домашни услови“.
Засега, Јовановска и нејзините колешки ги почитуваат инструкциите од клубот. Не излагаат премногу низ градот и времето го минуваат дома. Излагаат само кога мораат, а тренираат дома според програма.
„Од клубот добивме инструкции да бидеме дома во карантин и да излагаме само при најголема потреба и да не се задржуваме премногу. Да ги следиме сите новости и декретите кои се издаваат од претседателот. Од клубот постојано добиваме нови информации и тоа се прави максимално професионално. Забранети се секакви контакти и посочено ни е да избегнуваме контакт со други лица додека трае забраната. Мораме да ја одржуваме формата и додека сме дома да внимаваме на исхраната“.
Инаку, во Италија се оптимисти дека ќе успеат сезоната да ја завршат на терен. Очекуваат после сето ова „лудило“ кое владее во моментов низ целата земја да се вратат назад на терен и таму да го добијат шампионот бидејќи остана уште плеј-офот.
„Чудно е тоа што лигата не е суспендирана, таа е само одложена и се планира продолжување. Постојат шанси лигата да продолжи после 20 април доколку работите се подобрат. Сепак, никој уште не може ништо со сигурност да каже. Некои очекувања се пикот да биде на 28 март, а потоа се очекува бројките полекада почнат да паѓаат и некаде на 15 април да се дојде до минимум. Меѓутоа ова засега се само прогнози. Сите се надеваме дека сето ова ќе заврши што побрзо и дека ќе биде добро“, изјави Дајана Јовановска во интервју за 24 Ракомет.
Таа останува и понатаму во Италија и нема да се враќа во Македонија додека ситуацијата не се среди и во двете земји. Им дава поддршка на сите кои во моментов се во битка со болеста, но и на оние кои се во карантин.
Секако ги советува сите да издржат и да истраат бидејќи она што таа го виде во Италија не му го посакува на никого никаде низ светот. Таа успеа да се заштити бидејќи ги почитуваше препораките. Иако е тешко во карантин, сепак, е свесна дека мора така за да може да се обезбеди победа во битката со Корона вирусот.