Средниот бек Даниел Сармиенто, кој на крајот на изминатата сезона реши да се повлече од ракометот, сепак, мораше да го одложи пензионирањето поради примамливата понуда од полскиот вицешампион Висла Плоцк.
Екс репрезентативецот на Шпанија во редовите на Висла Плоцк, која е предводена од Хавиер Сабате, ќе биде замена за повредените ракометари Герго Фазекаш и Нико Миндегиа. Двајцата споменати ракометари ќе отсуствуваат подолг временски период, па така раководството на Висла Плоцк реши да го ангажира Сармиенто, но само за првиот дел од сезоната.
Искусниот ракометар потекнува од составот на Галдар, играше за Алмерија, а седум сезони го носеше дресот на каталонскиот гигант Барселона, односно Сен Рафаел од Франција. За Шпанија одигра 147 натпревари на кои постигна 283 погодоци. Со националниот тим освои злато на СП 2013, како и на ЕП 2018 и 2020.
Висла Плоцк во новата сезона ќе го брани Куп трофејот во Полска и покрај учеството на домашна сцена, ќе се натпреварува и во Лига на шампионите. Ракометарите на полскиот вицепрвак ќе играат во група А заедно со Загреб, Веспрем, Динамо Букурешт, Порто, ГОГ, Магдебург и ПСЖ.