Македонската репрезентативка Сара Ристовска беше клучната фигура заедно со голманката Чана Масон, во победата на ЦСКА Москва над големиот ривал Лада Толјати со 25-23.
Ова е четврти натпревар за новиот проект во рускиот ракомет, а досега ЦСКА Москва забележа три победи и еден пораз и се чини дека ќе биде главниот предизвикувач на Ростов Дон во борбата за шампионската титула.
Не беше невообиачено што Ристовска беше најефикасна на натпреварот со Лада со шест голови, но беше невообичаено што таа играше на позицијата десен бек. Тоа не е тактичко решение, ниту изненадување за ривалот, туку Ристовска и во иднина ќе игра на оваа позиција во клубот.
„Ова беше четврти натпревар каде што играм десен бек, имам таков договор со тренерот. Мислам дека добро се снаоѓам и имам поддршка од него и од девојките. Имам слобода, на крило ми беше малку досадно, а сега имам поголема одговорност и од мене почнуваат или завршуваат акциите. Задоволна сум“, изјави Ристовска за 24Ракомет.
Интересно е што на прес конференцијата по натпреварот меѓу ЦСКА Москва и Лада Толјати, тренерот Јан Лесли, се пошегува со Ристовска и рече дека таа е женскиот Кире Лазаров од Македонија.
„Добро се движевме во одбраната, тоа беше проблем за Лада. Секоа важна улога имаше и голманката Чана Масон со нејзината одлична партија. Играчите во нападот знаеја кога и каде да се движат, имаа одлични акции, како на пример Сара, односно Лазаров од Македонија“, низ смеа изјави Лесли.