Десното крило на ЦСКА и репрезентацијата на Македонија, Сара Ристовска имаше интервју за клупскиот сајт на рускиот клуб и во него зборуваше на повеќе теми.
Македонската репрезентативка истакна дека се чувствува удобно во Москва, а важно и е што нема притисок.
„Можам да кажам дека во Вардар и Крим Меркатор поставив одредена основа на мојата игра, но тука во ЦСКА се пронајдов себеси. Успеав да ги надоградам сите мои добри страни и постојано се трудам да бидам се подобра и подобра, како што велат – човек учи додека е жив. Не чувствувам притисок со играњето за ЦСКА. Давам се од себе за тимот да има најдобри резултати. Секогаш се трудам да помогнам на моите соиграчи на теренот. Благодарна сум и на навивачите за големата поддршка“.
ЦСКА Москва ќе игра со ЧСМ Букурешт во осминафиналето на Лигата на шампионите.
„Секогаш се трудам да гледам со оптимизам. Секако дека сакаме да победиме на сите турнири на кои играме. Сепак, добро знаеме дека Лигата на шампионите е една друга димензија, но јас верувам дека имаме добар тим кој е способен за многу работи“.
Поддршката од фановите ја чувствува и преку социјалните мрежи.
„Секојдневно добивам пораки од фановите. Тие се нашиот осми играч, од нив имаме максимална поддршка и во победите и во поразите. Често ми пишуваат и ракометарки на почетокот на кариерата и навистина ми е задоволство што им се доаѓа мојата енергија на теренот. Такво нешто за еден професионален спортист е многу важно“.
Ристовска откри и како го минува слободното време во убавата Москва.
„После сите тие тренинзи, натпревари, патувања, гледање видеа и други работи немам време за ништо друго освен за одмор. Најчесто знам да одам на шопинг или на ручек со пријателите. Сакам да гледам и филмови, комуницирам и со моите блиски луѓе со кои не сме во можност да бидеме блиску“, зборува Ристовска.