Санталов има потпишано за Вардар, но може да остане во Русија!

Левиот бек на Чеховски Медведи и на руската репрезентација, Дмитри Санталов, има потпишано преддоговор со актуелниот европски првак, но тој трансфер би можел да биде откажан.

Како што во повеќе наврати најави 24Ракомет минатата година, Санталов беше договорен за преселба во Скопје уште пред две сезони, но со оглед на ситуацијата во Вардар, левиот бек доби понуда да остане во Русија.

Тренерот на Чеховски Медведи, Владимир Максимов, за руските медиуми потврди дека Санталов има договор со Вардар, но и дека му порачал да не доаѓа во Скопје.

„Санталов потпиша преддоговор со Вардар. Но тој тим се распаѓа. Јас му реков ако таму не те плаќаат, може да побараш компензација и да останеш во Чеховски Медведи“, изјави Максимов.

Санталов сезонава е еден од најдобрите стрелци во тимот на Чеховски Медведи, а беше и еден од најзабележителните поединци во руската репрезентација на Европското првенство.