Санад постигна 15 гола и сам ја победи Татабања, Кадетен собра цел плен во Грција

Екипата на Ним во рамките од 6. коло во Лига на Европа беше подобра од составот на Татабања со резултат 38:30. Со остварената победа, Ним го презема лидерското место во Групата Д.

Избраниците на Франк Морис имаа фуриозен старт во воведниот дел и водство од 4:1. Сепак, домашната екипа со серија од 4:0 стигна до израмнување на резултатот, 5:5. Екипата од Франција голема поддршка имаше од нивниот голман, Десбоне, кој за 20 минути успеа да забележи пет интервенции. Татабања се обидуваше да се врати во игра, но никако не можеше да фати приклучок, сѐ до завршните минути од првиот дел кога со подобрата игра успеа да го израмни резултатот на 15:15, а потоа на полувреме да замине со минимална предност од 17:16.

Во второто полувреме, Ним успеа да го скрши отпорот на противникот и започна да прави сигурна предност. Во текот на 40. минута резултатот беше 24:20 за екипата на Ним. До крајот, водството на Ним се зголемуваше на недостижна разлика. Незадржлив на теренот беше ракометарот на Ним, Мохамед Санад кој постигна 15 погодоци. Во поразениот табор, Жолт Балог беше најефикасен со девет погодоци.

Во Групата Д, АЕК Атина и Кадетен Шафхаузен одиграа возбудлив натпревар. Во оваа пресметка, екипата на Кадетен Шафхаузен ги освои важните бодови откако забележа триумф од 31:28.

Македонскиот интернационалец, Јоаким Анѓеловски, заедно со екипата на Кокс беа поразени од Чеховски медведи со 33:27. Иако беше во составот, сепак, Анѓеловски не доби шанса. На останатите натпревари, победа остварија екипите на Савехоф, Тулуз и ГОГ.

Лига на Еврпа, 6 коло, резултати:

ТАТАБАЊА – НИМ 30:38 (17:16)
АЕК – КАДЕТЕН ШАФХАУЗЕН 28:31 (15:17)
КОКС – ЧЕХОВСКИ МЕДВЕДИ 27:33 (10:20)
ГОРЕЊЕ – САВЕХОФ 31:35 (15:16)
ТАТРАН ПРЕШОВ – ТУЛУЗ 19:31 (12:16)
ГОГ – ЛЕМГО 34:28 (15:20)