Една од ракометарките што остави најголема трага во составот на Вардар несомнено е француската голманка Амандин Лејно.
Таа минатиот викенд се збогуваше со унгарскиот Ѓер и ќе се врати во татковината по завршувањето на кариерата да работи со голманите во тимот на Бур Де Пеж.
Во интервју за унгарскиот „Немзети Спорт“, открива интересни детали околу трансферот во Вардар.
„На денот на мојата операција во септември, Вардар ме контактира за договор. Тогаш сфатив дека имам уште една година договор со Валчеа и сакав да се фокусирам на рехабилитацијата. Но почнаа проблемите со платите во Романија, посебно за повредените ракометарки. Во меѓувреме, Вардар не се откажа од моите услуги и пак се јави. Немаше топ-ѕвезди од странство во тоа време, јас ќе бев првата. Такви проекти сите ги гледаат на старт со неверување. Исто така се сетив и на последното Европско првенство во Македонија кое беше најлошо искуство во мојот живот. Во февруари рускиот газда Сергеј Самсоненко дојде со автомобил од Скопје до Париз за мене, а можеше да лета со неговиот приватен авион. Разговаравме пет часа, искрено, и ја прифатив понудата откако ми ги презентира неговите планови, па кажав ДА“, вели Лејно.
Таа во Скопје мина пет сезони, и ги засака градот и државата.
„Пред да се качам на авионот за Скопје, уште не ми се веруваше што правам. Пристигнав ноќе, а таксистот ми покажа продавница од француски ланец во која може да си купувам намирници. Бев многу среќна. Ме дочека и медитеранска клима и брзо се заљубив во Скопје, град кој е убав за живеење и покрај големината. Сретнав многу отворени луѓе и потоа имав шанса да ја прошетам цела држава. Потоа дојдоа и други ракометарки и многу се здруживме, често одевме на кафе. Таму го поминав најубавиот период во мојата кариера“, заврши Лејно.
Иако пет пати играше на Ф4, два пати во финале со Вардар, сепак ниту еднаш не освои шампионска титула. Но по трансферот во Унгарија, успеа еднаш да биде на европскиот трон.