Ракометарите на Вардар денес од Словачка ќе ја стартуваат новата сезона од СЕХА лигата, дивизија Југ.
Противник на актуелниот македонски шампион ќе биде екипата на Татран Прешов.
Од словачкиот тим најавуваат голема борба против тимот на Владо Недановски, истакнувајќи дека ќе се обидат да дојдат до изненадување и со победа да ја започнат сезоната во регионалното натпреварување
„Темелно се подготвуваме за овој дуел. Работевме на нашата одбрана и гледавме видеа, обидувајќи се да се подготвиме правилно за секој детаљ. Ни претстои тежок противник со големо искуство. Целта е да имаме добар и борбен настап и да го изненадиме Вардар. Би сакал да ги поканам нашите навивачи да дојдат и да уживаат во оваа средба, бидејќи верувам дека ќе биде одличен натпревар за гледање. Со нетрпение го очекуваме овој дуел“, изјави тренерот на Татран Прешов, Марек Гернат.
Дуелот меѓу Татран Прешов и Вардар ќе се одигра во „Татран Арена“, со почеток од 15:00 часот.