Најголемиот успех во играчката кариера Горан Кузманоски го достигнува во романски Одорхеи со кој во 2015 година ќе ја освои и титулата во европскиот Челинџ куп…
Интересно е дека кога стигнал во градот, прва помисла му била веднаш да се врати дома, а потоа ќе остане осум години во тој клуб.
„Пред неколку дена ме контактираше човек од Романија, кој ќе пишува книга за клубот. Тоа беше приватен клуб, на Унгарец, кој живееше во Одорхеи, град од 35 илјади жители во кој 90 посто од населението се Унгарци. Амбициозно беше да се создаде клуб во Трансилванија, чија цел беше да се донесе било каква титула во градот. Кога го потпишав договорот тогаш беа почетоците и клубот беше несериозно прифатен, велеа дека е вештачки создаден. По препорака на Лефтер Бошковски отидов таму. Возев 12 часа, едвај го најдов градот и кога стигнав во три часот наутро во Одорхеи, првата реакција ми беше да преспијам, да одморам и утре се враќам назад дома (се смее) Нема шанси тука да издржам! Но тренерот беше виновен што останав, Влад Каба, неговата позитивна енергија и тоа дека психолошки многу делуваше на мене. Ми кажа дека ќе бидам лидерот на тимот и дека заедно ќе му дадеме насока на клубот. Првата недела бев скептик, но како минуваше времето се повеќе се адаптирав. Потоа им требаше пикер, па по моја препорака дојде Стојанче Стоилов и веќе првата година направивме успех. Завршивме втори зад Констанца и клубот почна посериозно да инвестира и да оди напред. Таа сезона (2010/2011) бев избран и за најдобар играч во романско првенство. Вистина бев лидер на тимот, користев шанса максимално, и на терен и во соблекувална. Потоа дојдоа и Лазе Мајнов и Мите Стоилов со кои во 2015-тата станавме први македонски ракометари кои освоиле европска титула. Ние го освоивме Челинџ купот, а десетина дена по нас и Кирил Лазаров со Барселона ја освои Лигата на шампионите во Келн. Тоа беше одлична сезона, најдобар момент во мојата кариера, остварување на сонот како играч и тоа дојде како награда за сите жртви и за сите случувања во кариерата.“
Подолу прочитајте го целосното интервју со Кузманоски…
ИНТЕРВЈУ ГОРАН КУЗМАНОСКИ: Допингот ми ги смени размислувањата и насоките во животот!