Носителот на двојната круна во женска конкуренција сезонава, ЖРК Куманово имал интересна идеја – да се стави во функција на репрезентацијата, односно да работи како клуб-репрезентација во пресрет на ЕП 2022 за сениорки на кое Македонија е ко-организатор.
Но, нивната идеја остана без реализација.
„Друга приказна е тоа што останавме без учество во Лигата на шампионите. Како клуб имавме идеја која ја презентиравме до РФМ, односно во пресрет на ЕП 2022 за сениорки во Македонија сакавме да се ставиме на располагање и да создадеме нешто како клуб-репрезентација. Имавме расположени спонзори да помогнат доколку се реализира тоа. Имавме идеја македонските репрезентативки или потенцијални репрезентативки кои ќе останат без ангажман (со оглед на тоа дека шампионскиот тим на Вардар се растури, во Металург имаа нередовни примања) да ги земеме во Куманово каде преку настап во ЛШ ќе имаме квалитетни подготовки за ЕП следната година. На таа тема зборувавме и со РФМ, баравме поддршка, се понудивме да ги собереме играчите на наша сметка и да функционираме на некој начин како клуб-репрезентација, не бевме разбрани со таа идеја, од кои причини не знам, но желба ни беше со една таква екипа да играме во ЛШ. Свесни бевме дека од една страна таму ќе бевме ’топовско месо’ со оглед на конкуренцијата, но од друга можеби и ќе изненадевме и замислете на тие девојки колку ќе им значеше искуството, таквата можност, преку силни натпревари да се расте како тим, а на крајот на денот од тоа бенефит да има и националниот тим. Но без објаснување беше одлуката на Федерацијата што не не пријави во ЛШ. Парадокс е што екипа како Чаир играше во европски купови, а тие претходно немаа настап во сениорска лига. Некои работи останаа нејасни, а сето тоа оди на сметка на македонскиот женски ракомет, кој стагнира“, објаснува претседател на ЖРК Куманово, Бобан Пеовски.
Во продолжение прочитајте го интервјуто со Пеовски…
ИНТЕРВЈУ БОБАН ПЕОВСКИ: Двојната круна стигна во Куманово од каде почна ракометот!