Светската ракометна федерација објави дека САД ќе добие место на Мундијалот во Египет во 2021 година, иако федерацијата на Северна Америка и Кариби, не успеа да го организира континенталниот шампионат.
САД претходно доби вајлд-карти за СП 2025 и 2027 година во машка и во женска конкуренција, па логично беше решението на ИХФ да им се даде „виза“ и за Мундијалот во Египет.
ИХФ развива стратегии за да го популаризира ракометот на тие простори, но засега тешко и оди. Најважно за нив е што преноси од ракометните натпревари ќе има на најпознатите спортски канали.
САД ќе игра во групата Е со Франција, Норвешка и Австрија.
Ако се оди според оваа логика, тогаш преостанатото едно место, откако беше откажан турнирот во Јужна Америка што беше квалификациски за СП, би требало да го добие селекцијата на Чиле, која беше четвртопласирана на првиот квалификациски турнир и има најдобар рејтинг од пријавените селекции (Ел Салвадор, Колумбија и Парагвај).
Иако според правилата, тоа место треба да и припадне на Македонија, сепак веројатно ќе оди кај селекцијата на Чиле. Нашата репрезентација ќе чека евентуално некое откажување на некоја неевропска репрезентација, па да биде повикана како замена.