Сагосен: Ми се оствари детскиот сон

Левиот бек на норвешката репрезентација Сандер Сагосен, дресот на ПСЖ летово го замени со оној на Кил.

Како и сите други, така и Сагосен посакува што побрзо да се врати ракометот на терените и да се игра пред гледачи.

„Едвај чекам да играме натпревари со присуство на публика. Уште од осум години, кога почнав да играм ракомет, не сум имал толку голема пауза. Се чувствувам одлично во мојот нов тим. Начинот на кој работи Филип Јиха е перфектен за мене. Се чувствувам како дома во Кил. Ако доаѓате  од ПСЖ во Кил да посетувате музеи, тогаш тоа не е добра опција, но ако доаѓате да играте ракомет, тоа е перфектна опција. За мене, Кил е најдобриот клуб во историјата на ракометот и да играш за ваков тим е остварување на детските соништа“, вели Сагосен.

Кил беше прогласен за шампион во прекинатата сезона во Бундес лигата и ќе биде еден од двата германски претставници во Лигата на шампионите заедно со Фленсбург.