Женската кадетска репрезентација на Македонија го заврши настапот на Мундијалот во Скопје на 12 место по поразот од селекцијата на Хрватска со 32-28.
По слабото прво полувреме кога губеа со десет гола, македонските ракометарки одиграа многу подобро во вториот дел, но немаа сили за комплетен камбек во натпреварот.
Селекторот Љубомир Савевски вели дека во иднина сака да гледа игра како во второто полувреме.
„Хрватска беше подобра отколку вчера. Ние не игравме добра одбрана во првиот дел, но во вториот дел се разбудивме и со добра ефикасност во нападот се вративме во игра. Од минус 12 дојдовме до минус три, можеше да биде и минус два. Тоа е играта што ме задоволува. Ако го гледаме само второто полувреме, тоа е доказ дека можеме да одиме напред и да растеме со овие ракометарки“, вели Савевски.
Следната акција кадетките ќе ја имаат на ЕП во летото 2023 година, додека младинките исто така ги очекува настап на ЕП 2023.