Женската кадетска репрезентација на Македонија одигра нерешено, 20-20, со селекцијата на Шведска и се наоѓа на чекор до четвртфиналето на Светското првенство, на кое нашата држава е домаќин.
Во вечерашниот натпревар против незгодната селекција на Шведска, избраничките на Љубомир Савевски имаа кризен период, од почетокот на второто полувреме, па сѐ до 40. минута кога постигнаа само еден гол во мрежата на гостинките.
Сепак, одличната игра во одбраната во последните пет минути, како и добрата сконцентрираност на Теодора Дукоска во последниот напад, на Македонија и донесоа голем бод.
Селекторот на Македонија, Љубомир Савевски истакна дека ремито е најреален исход од големата борба меѓу Македонија и Шведска.
,,Мислам дека ремито е најреално од оваа ситуација. Имавме свои шанси, но исто така и Шведска е многу добра селекција и тие одиграа многу тешко и добро”, изјави Савевски.
Македонија својата шанса за четвртфинале ќе ја бара во последниот натпревар од главната рунда. Противник на македонската репрезентација на 5 август ќе биде селекцијата на Исланд.
Каква драма: Македонија со злато вреден бод против Шведска, на чекор е до четвртфинале!