Женската репрезентација на Македонија загуби од актуелниот европски и светски шампион Норвешка со 18-24. Иако нашата селекција одлично парираше 45 минути до 16-17, сепак со една серија од седум гола, гостинките го скршија отпорот и заминаа со триумф од Скопје.
Селекторот на Македонија, Љубомир Савевски смета дека грешките во последниот период од натпреварот пресудија за победата на скандинавската селекција, која во Скопје допатува со втор состав.
„Ние на полувреме се договоривме, ајде да ги победиме, иако губевме два разлика. Сепак, тоа беше мотивација за ракометарките, играа колку што можеа, но направивме многу грешки, на моменти имавме голем број на грешки, тие не казнија многу брзо и лесно и од два разлика стигнаа на четири до пет. Мислам дека самиот систем на игра (во нашата репрезентација) се изразува на самиот крај, играме со деснорак на десната бековска позиција, бевме затворени многу, се обидовме и преку Кипријановска, но сѐ уште не е физички спремна“, изјави Савевски.
Натпреварите од ЕХФ Евро Купот против Норвешка, Словенија и Црна Гoра беа вистински тест за подмладената репрезентација на Македонија. Савевски истакнува дека до почетокот на Европското првенство, на кое Македонија ќе биде еден од домаќините, ќе треба да се пронајдат уште неколку ракометарки за да се комплетира ростерот и да се дојде до добар резултат на континенталниот собир.
„Јас никогаш не сум задоволен. Девојките се бореа, не можам да им замерам, ние имаме проблеми за формирање на одбрана, тука се играчите кои не играат многу во средина, експериментиравме нешто и мислам дека ни треба поголем ростер. Штериова не е спремна после повредата, останатите не можат да издржат 60 минути, мора да најдеме уште 4 до 5 играчи кои во секој момент би биле замена. За натпреварот со Норвешка резултатски се држевме, имавме на моменти многу спора игра, немавме сила да нападнеме, се трудевме да играме повеќе одбрана. Единствена цел на Европското првенство ќе биде да се обидеме да парираме на сите. Проблемот е што немавме играчи за ротација. Во нашата репрезентација уште треба да се работи, ова е само е почеток “, заврши Савевски.
Норвешка останува на првото место на табелата во ЕХФ Евро Купот со десет бода, а Македонија е последна без бодови. Вториот меѓусебен дуел овие две селекции ќе го одиграат в недела од 16:00 часот.