Савевски пред Норвешка: Доаѓа олимписки и светски шампион, натпреварите ќе бидат празник за сите!

Женската репрезентација на Македонија во четврток ја очекува првиот од двата натпревари против селекцијата на Норвешка во рамки од ЕХФ Евро Купот. Во првиот натпревар нашата репрезентација ќе биде домаќин. Селекторот Љубомир Савевски пред овој дуел порача дека нема никаков притисок врз ракометарките, туку дека натпреварите со таква селекција ќе бидат празник за сите.

Во натпреварот против Норвешка влегуваме така што немаме што да изгубиме, а според Савевски токму против ваквите селекции најдобро можете да видите до каде сте и колку можете. Иако Норвежанките не доаѓаат со нивните најдобри ракометарки, сепак и во каков состав да се станува збор за исклучително силна репрезентација.

„Норвешка никогаш не е со втор состав, јас ги следам тие што играат во француска, германската…лига. Тие се одлични ракометарки, можеби не играле на светски и европски првенства во прва постава, меѓутоа не може да се каже дека не се квалитетни. Играме против многу силна репрезентација, за нас тоа ќе биде празник. Доаѓа олимписки, светски шампион, што и да биде, како и да биде, јас верувам дека со добра и паметна игра можеме да пружиме солиден отпор. Немаме што да изгубиме, тука доаѓаме да видиме до каде сме, Норвешка е репрезентација против која најдобро можете да видите колку можете. Не сме оптеретени со никаков императив. Имаме краток период пред натпреварот кој ќе го искористиме да се договориме, да ја поставиме играта, ова ќе биде последен тест пред летниот собир и медитеранските игри“.

Савевски потврди дека Македонија дефинитивно ќе учествува на Медитерански игри, затоа што токму тој турнир може да биде наша генерална проба пред Европското првенство на кое ние ќе биде едни од домаќините заедно со Словенија и Црна Гора.

„Засега се е потврдено, дадовме и список на 35 ракометарки. Тоа е потврдено веќе од пред 10-15 дена. Можам да кажам дека ако има медитерански игри ние ќе учествуваме, се надеваме дека тој турнир ќе биде наша генерална проба пред Европското првенство. Ќе имаме време да бидеме повеќе заедно и да повикаме некои други ракометарки да видат до каде се“.

Капитенот Елена Ѓорѓиевска не е во составот поради повреда, таа полека се враќа во ритам, меѓутоа за овој двомеч нема да биде во конкуренција. Проблем со формата може да има и Марија Штериова.

„Ѓорѓиевска повторно има проблеми, очекувавме да дојде, но се уште не е спремна за играње натпреварите. Штериова имаше напрснување на мускул, одигра само еден натпревар и не знаеме во каква форма доаѓа“, изјави Савевски.

Натпреварот во четврток се игра во терминот од 19:00 часот, додека дуелот во недела во кој ќе гостуваме е закажан за 16:00 часот.