Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски го најави претстојното Европско првенство.
Предводникот на дамите вели сон на сите во националниот тим е да им ги замрсат сметките на фаворизираните селекции.
Наши ривали ќе бидат Романија, Франција и Холандија.
„Оваа година имавме можност да одиграме десет подготвителни натпревари со врвни селекции, што досега не се случило. Ова е процес што почна со кадетската и младинската репрезентација, со кои остваривме добри резултати. Имаме континуитет од добри настапи, а фактот дека се опфатени повеќе генерации ми дава за право да се надевам на остварување на зацртаната цел – правење на долгорочна македонска репрезентација, национална селекција што 10-15 години достојно ќе ги брани државните бои. Играме со сериозни ривали, но наш сон е да им ги замрсиме сметките, да земеме барем еден скалп на фаворитите. Ќе сториме се за да го оствариме тоа, но ќе видиме како тоа ќе изгледа на терен. Задоволен сум од сработеното, од карактерот на репрезентацијата, ние губевме и можеби ќе губиме во иднина, но ова е селекција во создавање и искрено верувам дека сме на вистински пат“, изјави селекторот Савевски.
Евроопското првенство стартува на 4 ноември, а освен во Скопје, ќе се игра и во Целје, Љубљана и Подгорица.