Поранешниот македонски репрезентативец и се уште активен интернационалец Филип Лазаров, од пред неполн месец влезе и во тренерски води, како асистент на Ацо Јоновски во германскиот нисколигаш Ратинген. Левиот бек е на залезот на неговата играчка кариера и спонтано влегува во тренерската, иако немал таква визија за себе претходно.
Се врати во Скопје за промоцијата на книгата на неговиот пет години постар брат, Кирил Лазаров и најде време и простор за разговор со 24ракомет. Во интервјуто откри колку му било тешко да го носи презимето Лазаров на почетокот на кариерата и дека и самиот е свесен дека дел од јавноста неговите успеси ги препишува на фактот дека Кире му е брат.
Тоа повеќе му одмогнало отколку што му помогнало во кариерата, но и покрај подемите и падовите, проблемите и препреките со кои се соочувал, Филип открива дека петте години во Вардар, соработката со Веселин Вујовиќ, а потоа и со Раул Гонзалез ќе го извадат најдоброто од него како играч.
„На почетокот беше тешко да се носи презимето Лазаров. Како помлад повеќе ме поврзуваа со Киро. Паметам во Металург, Лино добро се знаеше со Киро од Загреб, па дури и мислам дека нивната кавга е причината што останав без клуб на полусезона (се смее)… Кога ме зема Вујо во Вардар почнав да градам свое јас како ракометар. Вујо никогаш не ме споредуваше со Киро, ниту го споменуваше. Ми даде на самодоверба, станав и капитен и тој ми ја спаси играчката кариера. Тоа беше едно ниво, второто е кога дојде Раул. Тој процени што можам, што не, колку можам и добивав точна улога и точна минутажа и играв одлично и во клуб и во репрезентација. Тој ме водеше“, вели Филип Лазаров.
Ракометарот во последните три години се повлече во Германија и гради нов живот со семејството. Не планира враќање во Македонија, единствено Вардар – кого го носи во срцето, може да биде клубот за кој ќе се врати дома. Веќе имаше најава да биде дел од стручниот штаб на Веселин Вујовиќ, но за да се седне на клупата на „црвено-црните“ според Филип „треба да бидам подготвен за да помогнам, а не да учам!“
За уште многу интересни моменти и од клупската, но и од репрезентативната кариера на Филип Лазаров, како и новото тренерско поглавје во Германија, прочитајте во утрешното интервју на 24Ракомет.