РФМ за само една сезона го смени своето мислење и мораше да се повлече од својата претходна најава, па не само што македонските екипи Вардар и Еурофарм Пелистер повторно ќе играат во СЕХА лигата, туку и четири судиски двојки и четири делегати ќе бидат делегирани на мечевите на регионалното натпреварување.
По пауза од една сезона откако РФМ им го забрани настапот, во новата сезона на СЕХА лигата се враќаат македонските судии и делегати. Четири судиски двојки и четири делегати побарале од РФМ да бидат пријавени во СЕХА лигата и да можат да бидат дел од регионалното натпреварување.
За 24Ракомет дел од македонските судии и делегатите потврдија дека испратиле вакво барање до РФМ, со образложение дека „ако македонските клубови играат треба да им дозволи и на судиите и делегатите да бидат дел. Ако останува на својот став РФМ тогаш треба да им се забрани и на клубовите да играат“.
РФМ лани најави дека ќе го преиспита нивното учество во СЕХА лигата и дека ќе се разгледа играњето на клубовите. Тогаш беа повлечени македонските официјални лица, но остана да играат Вардар и Еурофарм Пелистер.
Од УО на македонскиот сојуз тогаш беше доста гласна најавата дека можеби во иднина ниту клубовите нема да може да играат во СЕХА, а РФМ не е во баш сјајни односи со раководството на регионалното натпреварување. Тоа може да се види и со (не)присуството на главните луѓе на македонскиот ракомет последните години на завршните турнири на СЕХА лигата.
Очигледно е дека РФМ не сака да се конфронтира со клубовите и делегатите и судиите кои имаа 6 гласа во Собранието на РФМ, а Вардар и Еурофарм Пелистер големо влијание меѓу клубовите.
Во ситуација кога битолскиот тим го освои третото место на Ф4 турнирот во Задар што е нивно најголемо клупско достигнување во СЕХА лигата, РФМ сфатиле дека не треба дополнително да си создаваат непријатности со клубовите, па ги пријавија двата македонски клуба за настап и сезонава во таа лига.
На листата на македонски судии што се потпишаа на барањето до РФМ се Славе Николов, Ѓорѓи Начевски, Димитар Митревски, Благојче Тодоровски, Даниело Божиновски, Виктор Начевски, Исмаил Металари и Ненад Николовски.
Од делегатите на листата на СЕХА за сезонава се Драган Начевски, Ацо Николовски, Марјан Начевски и Камер Металари.
Новата сезона на СЕХА лигата треба да почне следниот месец, и според најавите ќе се игра во две дивизии, Источна каде ќе настапуваат екипи од Русија и Белорусија, и Западна со тимовите кои и досега играа, и каде се и Вардар и Еурофарм Пелистер.
Наскоро се очекуваат и детали и распоредот за новата сезона.