Ракометната федерација на Македонија и комисијата составена од четири члена ја составија прелиминарната ранг листа на клубовите, што ќе биде доставена како предлог за распределбата на ваучерите до Агенцијата за Млади и Спорт.
Наместо јавно да бидат објавени на интернет страницата на РФМ на место на кое секој клуб ќе може да ги види, предлог листата е „скриена“ во менито на страницата, и само ако почнете да пребарувате и бидете упорни истата ќе ја најдете. И тоа на место на кое веројатно никогаш не би барале. 24Ракомет по речиси 20 минутно пребарување успеа да ги најде листите кои ги објавуваме.
Ниту еден од клубовите ја нема добиено предлог листата, а многу клубови се обратиле до РФМ со барање истата да им биде доставена на увид за да може да извршат приговор доколку сметаат дека е потребно. Другите федерации истите предлог листи веќе ги објавија јавно.
Комисијата во состав Александар Велковски, Горан Ѓоргоноски, Ратко Мицев и Велимир Мицевски, ја составуваа листата откако сите клубови ги доставија РФМ потребните пополнети обрасци и документи.
Клубовите се рангирани по осум критериуми, а најмногу бодови има шампионот Вардар – 225 по основ на сите критериуми. Тоа се човечките ресурски, бројот на активни членови во последната година, настап и пласман на домашна на клубот во сите категории, настап и пласман на меѓународна сцена во последните две години, број на домашни ракометари во клубот, број на репрезентативци во сите категории во последната година, како и медиумската застапеност на клубот.
Ракометната федерација рангираше вкупно 51 клуб. Од нив 30 клубови се во машка конкуренција – Супер лига и Прва лига, 14 кај дамите – Женска лига, како и 7 кои настапуваат во младинските категории.
Централната Комисија ќе ги разгледа ранг листите на сите федерации и ќе достави предлог до Советот за Спорт за усвојување во рок од десет дена, по што Агенцијата за Млади и Спорт официјално ќе ги објави износите на ваучери што ќе ги добијат клубовите на почетокот на февруари.