Актуелниот шампион на Македонија, Ѓорче Петров на гостувањето во Битола кај Пелистер во рамки од 1. коло од плеј-оф фазата во Женската лига триумфираше со 33:28.
Домаќинот одигра одлично во првите 20 минути, водеше во воведниот дел со 3:1 и до средината на првото полувреме беше во минимално водство од еден до два гола разлика. По нерешените 8:8, гостинките постигнаа два гола во низа и се одлепија на 10:8.
Во тој момент беше скршен отпорот на мотивираниот Пелистер, кој до крајот на дуелот парираше колку што можеше, но краткиот ростер не дозволуваше да го издржи темпото во текот на сите 60 минути.
Ракометарките на Симе Симовски чекор по чекор се оддалечуваа, градеа сигурна предност и на полувреме заминаа со активен резултат од 17:14.
Во продолжението домаќинот успеа во неколку наврати да се закани, намали на 19:18, но поискусниот тим не дозволи целосен пресврт и со неколку мини серии дојде до посакуваната победа.
Најефикасна во победничката екипа беше Катерина Дамјановска со осум погодоци. Кај Пелистер се истакнаа Мари Франсоа со девет и Ана Марија Талева со четири реализации.