Една од најдобрите репрезентативки на Русија, Владлена Бобровникова, беше приморана да ја заврши својата кариера.
Искусната ракометарка, која со „зборнаја“ стигна до злато на Олимписките игри во 2016 година, моментално се бори со тешка болест, има рак на лимфните жлезди.
Веќе го започна лекувањето и поминаа две серии на хемотерапии, а поддршка да се избори со болеста добива од целиот ракометен свет.
Левиот бек од сезона 2012/13 настапуваше за Ростов Дон, додека во текот на нејзината кариера во неколку сезони играше надвор од Русија.
35-годишната ракометарка го носеше дресот и Кикинда од Србија и Сасари од Италија. Својата кариера ја почна во нејзиниот матичен клуб Кубан од Краснодар.