Женската репрезентација на Русија ќе биде дел од Олимписките игри во Токио каде ќе ја брани освоената титула од претходната Олимпијада која беше одржана во 2016 година.
Русинките активно се подготвуваат бидејќи во првата фаза во Токио ќе играат во групата Б, а нивни противници се репрезентациите на Шпанија, Унгарија, Франција, Бразил и Шведска.
Претседателот на Ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев беше гостин на нивниот подготвителен камп. Тој во разговор со репрезентативките им ја соопштил паричната награда доколку го повторат нивниот успех од Олимписките игри од Бразил, но и доколку обезбедат добар пласман во случај да не завршат на првото место.
„Им го соопштив на девојките износот на наградата, но тоа ќе остане наша тајна. Ова е многу тежок и макотрпен процес за нив, па мислам дека е фер да им кажам каква награда ги чека доколку направат успех, иако има уште 50 дена до финалето. За тоа време, тие се без своите семејства, сопрузи, момчиња, деца, родители. Воопшто не е лесно. Сакам да знаат – тие ќе обезбедат добра финансиска иднина ако успеат во Токио. Нивното внимание го свртев на фактот дека во тимот се девојки од три генерации, имаме ракометари од 20 до 36 години”, изјави Шишкарев за „РИА Новости”.
Дел од репрезентативките на Русија активно ги користат социјалните мрежи, па претседателот на федерацијата им забрани на сите ракометарки користење на мобилни телефони за време на тренинзи, состаноци и оброци.
„Сепак, имаше и непријатни вести за ракометарките. Воспоставивме договор дека во текот на овој процес тие нема да носат мобилни телефони со себе за време на тренинзи, состаноци и оброци. Тие се подготвуваат да го направат она што треба да се направи на терен, и нема разговор на мобилните телефони. Тие ќе комуницираат како луѓе, со емоции, зборови, ставови. Социјалните мрежи се дозволени само од крајот на вечерата до спиењето. Светот на социјалните мрежи мора да се остави настрана некое време. Потребна ни е целосна концентрација, ситуацијата е значително поинаква отколку пред Игрите во 2016 година. Тогаш девојките отидоа во Рио како Пепелашки, никој не се плашеше од нив. Сите тогаш сметаа дека ќе биде лесно со Русија, а сега сите се плашат од нас”, заврши Шишкарев за „РИА Новости”.
Репрезентацијата на Русија подготовките за Олимписките игри во Токио ги стартуваше од Сочи. Планирани се и неколку контролни натпревари пред самото заминување на Олимписките игри.