Во изминатите денови во руската престолнина, Москва, претседателот на ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев и неговите соработници имаа средби со претставници на кинеската ракометна асоцијација на чело со Ванг Тао, со цел подобрување на соработката меѓу овие две големи земји на спортски план.
Инаку, во Москва пристигнаа 46 претставници на кинеската ракометна асоцијација, меѓу кои и повеќе од 30 играчи. Предвидено е играчите од Кина да учат по руски методи при нивниот претстој во Русија.
Со нив ќе работат и селекторите на машката и женската репрезентација на Русија, Велимир Петкович и Људмила Бодниева. Постои опција кинескиот тим да одигра неколку пријателски натпревари со руски клубови, кои се натпреваруваат во Супер лигата.
Од одличната соработка меѓу федерациите на Русија и Кина се роди идејата да поднесат заедничка апликација за да бидат домаќини на Светското првенство во женска конкуренција во 2029 или 2031 година. Русија за последен пат беше домаќин на Мундијалот во 2005 година кога успеа да го освои златниот медал.
Сепак, неизвесно е како ИХФ ќе реагира на заедничката идеја на Русија и Кина, со оглед на тоа дека ИХФ воведе санкции кон Русија, како и кон Белорусија, поради состојбата во Украина.