Русија доби(ва) ракометен гигант – Нева стана дел од семејството на Зенит!

Првиот човек на Руската ракометна федерација Сергеј Шишкарев изјави дека ракометниот клуб Нева од Санкт Петербург во иднина ќе го носи името на гигантот Зенит и се очекува клубот да стане конкурентен на домашна сцена, со оглед на фактот дека руските клубови имаат забрана од ЕХФ за настап во Европа.

Екипата на Нева од Санкт Петербург сега конечно станува Зенит, под покровителство на Газпром и се приклучува на семејството кое со години успешно го претставуваат фудбалскиот и кошаркарскиот тим во Европа.

,,Со години се обидувавме да го привлечеме вниманието на Газпром на фактот дека Нева од Санкт Петербург совршено ќе се вклопи во брендот на спортски развој на Зенит. Конечно успеавме, ракометниот клуб Зенит од оваа сезона ќе се натпреварува во Супер лигата”, изјави Шишкарев.

 

 

 

Сѐ уште не е познато со каков тим ќе настапи ребрендираниот клуб од Санк Петербург во новата натпреварувачка сезона, но се очекува клубот да биде конкурентен на ЦСКА Москва и Чеховски Медведи за шампионската титула во Русија.