Женската репрезентација на Русија на Светското првенство во Шпанија ќе настапи без неколку ракометарки кои беа дел од репрезентативниот состав на Олимписките игри во Токио.
Русија во Шпанија ќе патува без искусната четворка од Ростов Дон – Ана Сен, Владлена Бобровникова, Викторија Калинина и Полина Кузнецова, како и без двете членки на ЦСКА Москва, Ана Седојкина и Полина Ведекина. Дел од споменатите ракометарки поради повреда ќе го пропуштат светскиот мундијал, а дел поради своето пензионирање од репрезентативниот табор.
Дарија Дмитриева и Ана Вјахирева се најдоа на поширокиот список. За Вјахирева нема шанси да игра на СП, бидејќи сака да паузира подолго од ракометот, а Дмитриева би можела да се врати за големото натпреварување на теренот. Нејзиниот камбек во репрезентацијата би бил од огромно значење бидејќи на позицијата среден бек настапуваат само Екатерина Илина и Карина Сабирова.
Русинките на 7 ноември ќе одиграат пријателски натпревар со селекцијата на Германија во Дизелдорф. На Светското првенство во Шпанија, Русија се наоѓа во Групата Б. Нејзини противници се репрезентациите на Србија, Полска и Камерун.