Претседателот на Ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев ги сподели своите очекувања за настапот на руската репрезентација на Европското првенство 2022 кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка.
Според него, доколку ракометарите на Русија обезбедат пласман во следната фаза, тогаш тоа ќе се смета за голем успех, со оглед на тоа дека на минатото Европско првенство имаа разочарувачки настап. Русија во 2020 година заврши на 22. позиција од вкупно 24 репрезентации.
„Нашата група е добра. Не знам како ќе играме против Норвежаните, но објективно сме посилни од Словаците и Литванците. Ако одиме во следната рунда, тогаш тоа е најмалку 12. место. И тоа не е толку срамно во споредба со настапот на претходното Европско првенство. Пласманот многу зависи и од расположението на ракометарите. Се надевам дека овој пат тимот ќе работи подобро“, изјави Шишкарев за руската „Матч ТВ“, а пренесува „Брз Центар“.
Русија на Европското првенство 2022 се наоѓа во Групата Ф. Нејзини противници ќе бидат, еден од домаќинот, Словачка, како и репрезентациите на Норвешка и Литванија. Само две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза.