Русите подобри од Шпанија на пријателскиот натпревар во Москва

Репрезентацијата на Русија која беше домаќин на Божиќниот турнир во Москва успеа да го освои истиот откако забележа две победи против составите на Аргентина и Шпанија. Втората победа дојде против вториот тим на Шпанците со 28:26 така што Русите заслужено се најдоа на првата позиција.

Во израмнет натпревар, со цврста одбрана и постојано менување на тимот кој е во предност двете селекции добија по едно полувреме. Првото го добија Шпанците кои водеа со 15:14, но во продолжението славеше составот на Русија.

Имаше многу осилации во играта, но и техничките грешки на двете страни беа главните причини за неизвесниот дуел. Речиси постојано, а особено во второто полувреме се играше гол за гол, но во финишот домашните беа поснаодливи.

Најефикасен во репрезентацијата на Русија беше Игор Сорока со шест погодоци. Во поразениот состав на Шпанија, Изкердо запиша седум гола. Поранешниот ракометар на Вардар, а сега на Веспрем, Данил Шишкарев, двапати се запиша во листата на стрелците.

Русија на Светското првенство е во група со Словенија, Белорусија и Јужна Кореја. Шпанците имаат лесна група и во првата фаза силите ќе ги одмерат со Тунис, Бразил и Полска. Сепак, на СП за Шпанија оди составот кој викендов ќе има уште еден натпревар против Хрватска во рамки на ЕХФ Евро купот.

Селекцијата на Аргентина ќе се обиде да избори добар пласман во група со фаворитот Данска и репрезентациите на Бахреин и Конго, против кои може да се надева на добар резултат.

БОЖИЌЕН ТУРНИР 2021

РУСИЈА – АРГЕНТИНА     22:21 (12:13)

АРГЕНТИНА – ШПАНИЈА Б     25:19 (11:9)

РУСИЈА – ШПАНИЈА Б     28:26 (14:15)