Русите обвинуваат: Состојбата во Вардар се рефлектира и на нашата репрезентација!

Репрезентацијата на Русија настапи на последното Европско првенство во Норвешка, Шведска и Австрија, но не се прослави, па уште по првата фаза отпадна од континенталниот собир.

Претседателот на Руската ракометна федерација, Сергеј Шишкарев, ја посочи лошата ситуација во Вардар како главен „виновник“ за неуспехот на руската репрезентација.

По лошиот настап на ЕП, Едуард Кокшаров беше сменет и негово место дојде Велимир Петковиќ.

„Да почнеме со фактот дека оваа година го имавме најлошиот настап на Европските првенства во историјата, полошо беше само во 2018 кога не учествувавме. Претпоставувавме и се надевавме дека базата на руската репрезентација ќе бидат нашите играчи од европскиот шампион Вардар. Тоа се шестмина играчи, кои имаа многу шанси за воигрување. Сергеј Самсоненко искрено сакаше да помогне, но неговите лични финансиски проблеми, се причина за тоа што се случува сега со клубот. Тоа се рефлектираше на состојбата и расположението на Едуард Кокшаров и следствено на тоа, на преформансите на националниот тим. Покрај тоа, имаше и низа пропусти за време на подготовките“, изјави Шишкарев за „Спорт Експрес“.

Прва обврска за новиот руски селектор ќе бидат бараж средбите за Мундијалот во Египет против Турција, а доколку Русија слави во овој двомеч, ќе игра против Шведска во вториот бараж.