Арбитражниот суд за спорт (САЅ) пред два дена објави список со санкции против рускиот спорт, а веќе се знае дека Русија не може да игра под националното знаме на Светските првенства, Олимписките игри и Параолимпијадите.
Покрај тоа забрането е да се користи и химната на Русија, а знамето не смее да биде истакнато ниту на облеката на спортистите.
Прва репрезентација на терен по сакнциите за рускиот спорт, ќе биде машката ракометна на СП во Египет.
Генералниот секретар на руската федерација, Лев Вороњин најави дека нема време да се изработи нова опрема, па веројатно во Египет, Русите ќе играат со старата на која обележјата ќе бидат прикриени со налепници.
„Се е комплицирано бидејќи доаѓаат празници во Европа, а после и кај нас. Немаме многу опции, дефинитивно нема да имаме време да ја смениме опремата. Ја нарачавме во април, а ја добивме во ноември. Дамите играа со таа опрема на Европското првенство во Данска. Грбот е зашиен, има знамиња на ракавите, и натписот Russia Handball Team. Нема опција за преправање. Може само да ги прекриеме со налепници и веројатно тоа е она што ќе го сториме. Ќе изгледа ужасно, а постои опасност и да испаднат за време на натпревар. Што ќе правиме тогаш?“, изјави Вороњин за „Брз Центар“.
Русија ќе настапи на Светското првенство во Египет во група со Јужна Кореја, Словенија и Белорусија.