Денес екипите на Војводина и Загреб ќе го одиграат четвртфиналниот дуел од СЕХА лигата.
Домаќин на натпреварот ќе биде српскиот шампион, кој во изминатиот период беше активен на ракометниот пазар и успеа во своите редови да донесе квалитетни засилувања.
Тренерот на Војводина, Борис Ројевиќ за натпреварот против „плинарите“ истакна дека верува во неговите избраници и дека може да се направи поволен резултат, иако во екипата од Нови Сад има многу нови ракометари.
,,Нова сезона, многу нови играчи. Ќе биде потребно време да се воигра екипата. Уште на стартот на сезоната играме против еден од најдобрите тимови во регионалната лига…Нашите амбиции се познати. Трофеј во домашните натпреварувања, и да се постигне што повеќе на меѓународните натпреварувања, а ние во претходните сезони покажавме дека Војводина може да игра со секого и покрај големата разлика во буџетите. Очекувам и оваа сезона храбра Војводина”, изјави Ројевиќ.
Натпреварот меѓу Војводина и Загреб ќе се одигра со почеток од 16:00 часот. Победникот ќе обезбеди пласман на Ф4 турнирот во СЕХА лигата, кој во периодот од 2 до 4 септември ќе се одржи во Задар.