Ростов Дон победник во Купот на Русија

Ракометарките на Ростов Дон се победници во Купот на Русија за оваа сезона откако во големото финале беа убедливи против Лада Тољати со 25:16.

Гостинските ракометарки од Тољати одлично им париираа на звездите од Ростов Дон во првото полувреме и создаваа проблеми за екипата предводена од Јан Лесли. Првиот дел заврши со еден разлика за Ростов Дон, 11:10.

Во вториот дел Ростов Дон со ефикасни напади и голови од контра стигна до убедлива победа. Најефикасна ракометарка во редовите на Ростов Дон беше Јулија Манагарова со пет погодоци. Во составот на Лада Тољати се истакна Наталија Никитина со пет гола.

Ова беше 12 освоен трофеј за екипата на Ростов Дон во Купот на Русија.

Во борбата за 3. место, екипата на Астраханочка без многу проблеми славеше над Звезда Звенигород со 36:27. На полувреме резултатот беше 19:11 за Астраханочка.

Конечен пласман

  1. Ростов Дон
  2. Лада Тољати
  3. Астраханочка
  4. Звезда Звенигород

ЦСКА Москва и Сара Ристовска беа елиминирани од страна на Астраханочка во четвртфиналните дуели.