Селекторот на машката сениорска репрезентација на Полска, Патрик Ромбел денес го објави списокот за првите квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2024 во Германија.
На списокот партиципираат 20 ракометари, а меѓу повиканите играчи се наоѓа и левото крило на Вардар, Јан Чувара. Иако македонскиот шампион оваа сезона не настапува во Лигата на шампионите, сепак, добрата форма на Чувара во Суперлигата беше доволна за да се најде на списокот за квалификациските натпревари.
Полска и Шведска ќе бидат домаќините на СП 2023, па за очекување е Ромбел на настапи со речиси истиот состав и на Мундијалот.
Репрезентацијата на Полска за пласман на Европското првенство 2024 ќе се бори со репрезентациите на Италија, Летонија и Франција. Кон средината на месец октомври ќе ги одигра првите два квалификациски натпревари.
Избраниците на Ромбел на 13 октомври во Катовици ќе играат против Италија, додека на 16 октомври Полска на гостински терен ќе игра против Летонија. Пласман на Европското првенство 2024 ќе обезбедат првите две селекции од секоја група, како и најдобрите четири третопласирани репрезентации од 8-те групи.