Репрезентацијата на Романија се засилува на сите можни позиции, а селекторот Чави Пасквал добива голема поддршка во стручниот штаб бидејќи ќе работи заедно со еден од поранешните голмани на националниот тим, Михаи Попеску.
Новиот тренер во репрезентацијата на Романија има позитивни коментари и е презадоволен што може и понатаму да придонесува за националниот тим.
„Гордост и чест е да се работи како тренер во националниот тим после повеќе од 20 години играње за репрезентацијата. Мислам дека ова е извонредна можност бидејќи ќе работам со еден од најдобрите тренери во светот. Со добивањето на ваквата шанса да се придружам почувствував благодарност за мојата тренерска кариера бидејќи мојот детски сон беше да играм за репрезентацијата“, вели Попеску.
Пред три години Попеску беше дел од репрезентацијата на Романија и го бранеше голот. Инаку, секогаш знаеше да им задава проблеми на репрезентативците на Македонија со своите одбрани бидејќи секогаш бранеше со голема мотивација.
Селекторот е задоволен што добива одличен помошник и вели дека ова ќе биде голем плус.
„Попеску е некој што е многу посебен за Романија. Ова е важна одлука не само за него туку и за играчите и за другите во тимот бидејќи сите го знаат добро и знаат за каков играч се работи. Попеску може да биде инспирација за младите играчи и пример во кој младите играчи треба да се угледаат. Покрај тоа неговото искуство може да има помогне да дознаат што точно се случува во светот на ракометот. За мене Попеску е одлично момче, кој секогаш давал максимум за репрезентацијата и за својата земја. Мислам дека заслужува да биде на оваа позиција бидеќи може да има добар придонес за ракометот во иднина како што има и сега како играч“, вели тренерот Пасквал.
Македонија и Романија играат во првиот бараж, а натпреварите се закажани за 17 и 19 март во Скопје и во Букурешт. Победникот од овој двобој во април ќе се соочи со Чешка на патот кон пласман на Светското првенство во Полска и Шведска.