Иако денес тимот на Металург на официјалниот веб-сајт го потврди трансферот на бразилскиот среден бек Енрике Тешеира, сепак од неговиот претходен клуб ЧСМ Букурешт се јавија со реакција во романските медиуми.
Клубот од Автокоманда објави дека Бразилецот потпишал договор на една година и дека ќе биде нов организатор на играта, но генералниот секретар на ЧСМ вели дека потпис нема.
Тешеира ветил дека следната седмица ќе донесе одлука дали ќе продолжи во романскиот клуб или ќе си замине.
„Разговарав со Тешеира и му ветив дека ќе донесеме одлука следната седмица по интерната средба во ЧСМ Букурешт, па ќе знаеме точно што треба да правиме. Македонците побрзаа да го соопштат неговиот трансфер. Тешеира не потпишал со Металург и неговата прва опција останува ЦСМ Букурешт“, вели Кристијан Стамате во изјавата за „Handball Volei“.
Бразилскиот репрезентативец потекнува од составот на Маринга, играше за бразилскиот Таубате, а потоа беше дел и од шпанските Уеска и Грањолерс.