Шпанскиот репрезентативец Едуардо Гурбиндо по неполн месец замина од Вардар и се пресели во романскиот првак Динамо Букурешт.
Романскиот „Диги Спорт“ открива дека должината на договорот е две години, но и дека македонскиот шампион ќе добие солидна оштета за слободата на Шпанецот.
Според Романците, менаџерот на Динамо се „испазарил“ со Вардар за сума од околу 50.000 евра, иако „црвено-црните“ одредија 100.000 евра оштета пред стартот на преговорите.
Доколку биде завршена процедурата околу „лејт ентри“ трансферот на Гурбиндо, тој би можел да го има своето деби за Динамо Букурешт веќе на дуелот со францускиот ПСЖ в четврток.