Шведскиот стручњак Пер Јохансон по трет пат се врати на клупата на ЧСМ Букуреш, но овој пат домашните романски стручњаци се противат на ваквата одлука на клубот.
Јохансон е селектор на Црна Гора, а главната причина за негодувањето на романските тренери е тоа што нивната репрезентација ќе игра токму против Црна Гора во олимписките квалификации.
„Ова е неприфатливо. Како е можно селекторот на Црна Гора да дојде да биде помошник во романскиот шампионат? За да може подобро да ги анализира романските репрезентативки? Во нашата репрезентација има неколку нови играчи кои би можеле да бидат изненадување за секој противник. Исто така е чудно тоа што селекторот на Црга Гора ќе ги подготвува романските репрезентативки кои се дел од ЧСМ Букурешт“, коментираше претставник на романските тренери.
Сепак во таборот на Букурешт не обрнуваат внимание на овие коментари. Тие се пресреќни што повторно Јохансон е дел од нивниот тим и се надеваат на големи успеси до крајот на сезоната.
„Стручниот штаб на женската екипа е засилен. Пер Јохансон потпиша договор до крајот на сезоната и ќе биде втор тренер. После освоените две трети места во ЛШ 2017 и 2018 година, се надеваме дека ќе придонесе да го освоиме домашниот шампионат и да се пласираме на фајнал форот во Лигата на шампионите“, пишува во соопштението од клубот.
Првиот натпревар откако се врати на клупата на ЧСМ, Пер Јохансон ќе го има во петок во пред своите гледачи кога во Букурешт ќе гостува Ференцварош.