Романската влада му додели државјанство: Анте Кудуз подготвен за новиот репрезентативен дрес

Поранешниот ракометар на Вардар, Анте Кудуз, доби романски пасош, откако владата на оваа земја донесе одлука да им се издадат државјанства на хрватскиот лев бек и уште еден играч на Динамо Букурешт.

Покрај Кудуз, романски пасош доби и голманот Сајед Хеидарирад, кој во Динамо Букурешт игра од 2017 година.

„Најголема желба ми беше да играм за Хрватска на големи натпреварувања, но жалам што оваа желба остана неостварена бидејќи не ја добив вистинската можност. Ја почитувам сечија одлука, но во овие три години секако дека можев да добијам шанса. Одлуката е донесена и ќе играм за Романија“, изјави неодамна Кудуз за хрватските медиуми.

Романскиот селектор Чави Пасквал веројатно ќе смета на услугите на Кудуз за првите квалификациски натпревари за ЕП 2024 година против Австрија и Украина.