Веќе е познато дека во последните две сезони Романија ја има најскапата лига во женскиот ракомет. За споредба, екипите кои изминатата сезона завршија во долниот тел на табелата (Магура Чиснадие, Таргу, Миовени, Слатина, Залау и Галати) имаа буџет од околу 900.000 евра, односно секоја екипа од нив имаше речиси три пати поголем буџет од сите женски македонски клубови заедно.
На буџетите на женските клубови од Романија можат да им позавидат и многу машки тимови кои играат во европските купови, па дури и во Лигата на шампионите, особено поквалитетните екипи од екс-ју просторите. Романскиот портал „Фанатик“ објави дека моментално дури шест клубови за следната сезона ќе имаат поголем буџет од 2 милиони евра.
Со најголем буџет ќе располага шампионот ЧСМ Букурешт. Европскиот шампион од сезона 2015/16 за следната сезона ќе има буџет од околу 3,8 милиони евра. Моментално, на второто се наоѓа Глорија Бистрица, која ќе може да смета на 3 милиони евра, додека Дунареа Браила на 2,8 милиони евра.
Рапид Букурешт и Глорија Бузау ќе имаат 2,6, односно 2,5 милиони евра. Рапид Букурешт во изминатата сезона имаше 3,2 милиони евра и беше втор најбогат клуб во Романија. Со намален буџет за следната сезона ќе биде и Валчеа. Некогашниот романски шампион кој беше страв и трепет на европска сцена ќе има нешто повеќе од 2 милиони евра.
Според информациите на романскиот портал „ПроСпорт“ вкупниот буџет на сите 14 екипи кои играа во изминатата сезона изнесувал вртоглави 27 милиони евра. За сега не е познато со колкав буџет ќе располага повраникот во Првата лига на Романија, Корона Брашов, но најверојатно амбициозниот тим ќе има околу 2 до 3 милиони евра, така што листата на клубови со над 2 милиони евра ќе биде поголема.