Поранешниот тренер на ЦСКА Москва, Флорентин Пера, кој пред извесен период беше назначен за нов селектор на женската репрезентација на Романија, би можел да го преземе амбициозниот тим на Рапид Букурешт, клуб кој се натпреварува и во Лигата на шампионите, пишува романскиот портал „Про Спорт“.
Според „Про Спорт“ раководството на Рапид Букурешт посакува да го смени актуелниот тренер Карлос Вивер, а како негов наследник се споменува токму селекторот Флорентин Пера.
Рапид Букурешт не стартуваше според зацртаните цели во новата сезона, загуби во романскиот Суперкуп, во домашниот шампионат во првото коло одигра нерешено против градскиот ривал ЧСМ Букурешт, иако во дел од натпреварот водеше со пет гола разлика, потоа во второто коло беше поразен од Глорија Бузау, а во третото и четвртото коло потешко од очекуваното стигна до победа против просечните екипи на Слатина и Таргу.
Со резултатите, кои се под сите очекувања, челниците на Рапид Букурешт веќе планираат смена на Вивер и доколку се остварат пишувањата на „Про Спорт“, тоа значи дека Романија на Европското првенство во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир, ќе настапи со нов селектор.
Ракометната федерација на Романија веќе извесен период нагласува дека селекторите на Романија не треба да имаат тренерски ангажман, па така еден од ривалите на Македонија на ЕП можно е да дојде со нов селектор во Скопје.
Репрезентацијата на Романија освен со Македонија ќе игра и со Франција и Холандија во рамки од групата Ц. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза на континенталниот собир.