Ракометарите на Македонија ЃП во натпревар од 14. коло од Првата лига славеа против незгодниот тим на Кичево со четири гола разлика, 34:30. Првиот дуел меѓу двете екипи заврши со убедлива победа на Македонија ЃП со 37:29.
Гостите од Кичево во поголемиот дел од првото полувреме беа во предност, но не поголема од еден гол разлика. Избраниците на Оливер Димитриоски во финишот од првото полувреме успеаја да направат пресврт и да го преземат водството.
Откако Кичево водеше со 10:9, домаќините со два гола во низа дојдоа до 11:9 и до крајот на натпреварот беа подобриот противник на теренот. На полувреме резултатот гласеше 17:16 за домашниот табор.
Во продолжението расположени за игра беа Ролевски и Димовски, па така тимот на Македонија ЃП лесно се справи со денешниот ривал, кој во вториот дел не успеа доволно да им парира на домаќините и само го ублажи поразот.
Македонија ЃП со освоената победа ги зголеми шансите за пласман во плеј-оф фазата. Тимот на Димитриоски сега има 21 бод на свое конто, додека Кичево, кој се наоѓа на 4. позиција има 18 бода.
Најефикасни во победничката екипа беа Филип Ролевски со 12 и Мартин Димовски со осум гола. Во поразениот табор се истакнаа Кристијан Смилески со девет и Дарко Јаневски со седум гола.