Репрезентацијата на Црна Гора за вториот натпревар од групната фаза против Македонија би требало да биде предводена од селекторот, Зоран Рогановиќ откако денеска во Подгорица добил негативен тест по седум дена.
По добиените резултати, Рогановиќ е на пат за Дебрецин и се очекува да пристигне во текот на денешниот ден. Рогановиќ во унгарскиот град го очекува уште едно ПЦР тестирање и доколку излезе повторно негативен, тогаш тој ќе биде на кормилото на црногорскиот табор за натпреварите против Македонија и Словенија во рамките од групната фаза од ЕП.
Освен Рогановиќ, во Дебрецин ќе пристигне и физиотерапевтот Хамза Меховиќ, кој исто така беше позитивен на Ковид 19. Освен првиот физиотерапевт во Црна Гора, позитивен беше и вториот физиотерапевт, Андрија Дамјановиќ.
Поради тоа, тие не отпатуваа за Унгарија, а нивната замена Машан Вујовиќ „падна“ на ПЦР тестирањето во Дебрецин.
Црна Гора вчера на стартот на Европското првенство беше убедливо поразена од Данска со девет гола разлика, 30:21. Натпреварот меѓу Црна Гора и Македонија се игра утре во „Феникс Арена“ со почеток во 18:00 часот.